Невреме во Ранковце предизвика материјални штети и прекин на струја
Невреме во регионот на општина Ранковце.
Делови од земјава денеска беа погодени од силно невреме, како во кичевско и околината и реонот на општина Ранковце, при што беа предизвикани метеријални штети, прекин на струја и отежнат сообраќај.
Невремето во Ранковце со дожд и силен ветер направи штета и прекини во напојувањето со електрична енергија. Според градските власти во Ранковце, најпогодени од невремето се селата Гиновци, Петралица и делови од Одрено.
Градоначалникот на општина Ранковце Ивица Тошевски изјави дека силниот ветер и поројниот дожд направиле голема материјална штета во во селата и дека биле паднати дрвја, оштетени кровови, искинати кабли за телефон, интернет и кабли за струја.
„Како локална самоуправа презедовме интервентни активности во координација со Територијалната противпожарна единица“, рече Тошевски додавајќи дека допрва ќе се утврдуваат штетите настанати во земјоделските култури.
Кичево и околината исто така беа зафатени од силно невреме во доцните попладневни часови. Имаше пороен дожд, ветер и силни електрични празнења.
Набрзо на улиците имаше голема количина на вода и сообраќајот се одвиваше отежнато, особено во деловите каде нема атмосверска канализација.
јули 10, 2021
ОН донесе резолуција за хуманитарна помош во Сирија
Возилата чекаат на преминот Баб ал-Хава на сириско-турската граница, во Идлиб, Сирија. 10 јуни 2021 година.
Советот за безбедност на ОН одобри продолжување на операцијата за прекугранична помош за милиони очајни луѓе во Сирија. Одлуката беше донесена откако Русија во последен момент се согласи на компромис во разговорите со Соединетите држави, потег кој во телефонски разговор го поздравија претседателот на САД Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин.
Гласањето на Советот за безбедност на 9 јули обезбеди пристап за помош на ОН до Сиријците во период од 12 месеци и доаѓа непосредно пред истекот на мандатот на Советот на 10 јули.
Амбасадорката на САД во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд и рускиот амбасадор на ОН Василиј Небенсија на 9 јули постигнаа компромис за резолуцијата.
Двете земји потоа го претставија договорот пред 15-члениот Совет за безбедност, кој едногласно го усвои. Резолуцијата одобрува испораки на помош до северозападен Идлиб преку преминот Баб ал-Хава на границата меѓу Сирија и Турција.
Во резолуцијата се вели дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за шест месеци мора да изготви извештај за „транспарентноста“ на операцијата за помош и за испораките преку конфликтните линии. Но, според резолуцијата не е потребно повторно гласање за шест месеци за продолжување на операцијата, рекоа дипломатите.
Жозеп Борел.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел денеска изјави дека ЕУ мора да го задржи целиот регион на Западен Балкан на европскиот пат.
„ЕУ е најдобрата комбинација на политички слободи и економски напредок, како и социјална солидарност во светот. Ние не сме совршени, но сме најдобри, затоа мора да продолжиме со секој што ја дели нашата визија. Тоа значи да се задржи нашето внимание на Западен Балкан и целиот регион, вклучително и заживување на дијалогот меѓу Србија и Косово “, рече Борел во обраќање на Форумот во Дубровник.
Тој наведе дека на повидок е излезот од тунелот на ковид пандемијата, но рече дека сите мора да останат будни заради новите варијанти што се појавуваат и повика на соработка со Русија и Кина.
Тој предупреди на влошената состојба во Африка, каде што беа вакцинирани само три проценти, наспроти 60 проценти во Европа. Борел оцени дека една од последиците на пандемијата ќе бидат понесигурен, помалку еднаков и помалку слободен свет.
„Нееднаквоста ќе биде видлива не само меѓу земјите, туку и во рамките на секоја земја“, рече тој додавајќи дека вакцините се одлучувачки фактор за надминување на пандемијата „без кои оваа битка не може да се добие.“
Тој посочува дека имало многу поделби на меѓународно ниво и недостиг на соработка. Борел рече дека е важно како ЕУ ќе се позиционира во триаголникот со САД и Кина којшто, како што вели, бележи неверојатен економски развој.
Тој вели дека гледа оти влијанието на Кина ќе расте низ целиот свет.
Урсула фон дер Лајен
ЕУ на своите членки им достави доволно дози на вакцини против Ковид-19 во насока на постигнување на целта за целосно вакцинирање на најмалку 70 проценти од возрасната популација, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Таа побара од членките на ЕУ да го зголемат обемот на вакцинација и дека до 11 јули низ Унијата ќе бидат распределени околу 500 милиони дози.
„ЕУ го исполни ветувањето. Викендов доставивме доволно дози за членките да можат да вакцинираат најмалку 70 отсто од возрасните", рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека Ковид-19 сè уште не е поразен и изрази подготвеност да достави дополнителни количини вакцини.
ЕУ најмногу се потпира на снабдувањето со вакцини од „Фајзер-БиоНТех“, но зема и дози од други производители.
Европската комисија претходно предупреди дека многу заразниот делта вид на коронавирусот се очекува во текот на летото да стане доминантен во Европа.
Неодамнешните истражувања покажуваат дека делта сојот на вирусот ја намалува ефикасноста на вакцините против симптоматска инфекција, но дека две дози се многу ефикасни во спречување на потешка болест и смрт.
Заев бара објаснување од Џафери за обраќањето на албански во ЕП, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка
Архива (Илустративна фотографија). Претседателот на Собранието Талат Џафери во Комисијата за надворешни работи на ЕП се обрати на албански јазик, по што опозицијата поднесе кривична пријава и инетепелација, како што наведоа, поради „свесно кршење на Уставот и законите“.
Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев денеска изјави дека претседателот на Собранието Талат Џафери „спротивно на уставот“ се обратил на албански јазик во европскиот Парламент.
Заев рече дека Џафери на две сесии во ЕП зборувал на македонски јазик, додека на третата зборувал на албански, бидејќи бил „испровоциран од некои поединци од соседна Бугарија“, рече Заев.
„Нема да побарам одговорност затао што очекувам токму од претседателот на Собранието да го објасни тоа што таму се случило, затоа што тој е еден од главните чувари на Уставот на Република Северна Македонија“, рече Заев.
Од Џафери засега нема објаснување, но за случајот партиите Левица и ВМРО-ДПМНЕ на 5 јуни поднесоа интерпелација за претседателот на Собранието. Пратеникот на Левица Димитар Апасиев изјави дека интерпелацијата е поднесена, бидјеќи претседателот на Собранието направил „повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова истакна дека има многу причини за интерпелација на Џафери, но дека она што се случило во Европскиот парламент цврсто ги уверило дека интерпелацијата сега треба да биде поднесена.
Денеска ВМРО-ДПМНЕ реагираше и на изјавата на Заев. Од партијата наведоа дека Џафери „наместо да се објаснува“, треба „да си замине од позицијата претседател на Собранието.“
„Одговорот дека Талат Џафери го прекршил Уставот, но дека ќе го објасни, тоа не е одговор и треба да има одговорност. Тој треба да понесе политичка одговорност“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Клиника за инфективни болести, Скопје
Регистрирани се 13 нови случаи на Ковид-19 во изминатите 24 часа од направени 3.404 тестирања. Нема регистрирани починати лица, а оздравен е еден пациент, соопшти денеска Министерството за здравство.
Од новозаразените, во Тетово се 7, а во Скопје 6.
Од почетокот на пандемијата досега во земјава се дијагостицирани 155.782 лица со Ковид-19, починаа 5.487 лица и 150.124 се излекувани.
Бројот на активни случаи во моментов изнесува 172.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека до денеска нема нови случаи на заразени со индиската делта вријанта на вирусот, а дека се очекува во текот на денот да стигнат податоци за четворицата суспектни на јужноафриканскиот сој на коронавирусот.
Тој претходно изјави дека засега не се планира воведување на нови мерки, но дека е потребна масовна вакцинација на населението како подготовка за есенскиот период.
Филипче рече дека ситуацијата е мирна, но дека ја следат состојбата и во земјава и во регионот.
ОН: Тортура и малтретирање на притворени во источна Украина
УКРАИНА - Украински војник товари митралез на позиција на фронтот со сепаратистите поддржани од Русијаво регионот Луганск. 16 април 2021 година
Обединетите нации соопштија дека тортура и лошо постапување со притворени лица се случуваат секој ден на територијата во источна Украина контролирана од сепаратистите поддржани од Русија.
Заменик-шефот за права на Обединетите нации, Нада Ал-Нашиф, на 9 јули изјви дека има „огромни повреди“ извршени во затворот „Изолијација“ во Доњецк и во други места контролирани од сепаратистите во источна Украина.
Прекршувањата „продолжуваат на дневна основа и се вршат систематски“, рече Нашиф пред Советот за човекови права на ОН со седиште во Женева.
Нашиф презентираше извештаи за притвор, тортура и лошо постапување во источна Украина, како и за човековите права на Крим.
Заменик високиот комесар за човекови права рече дека извештајот проценува дека од почетокот на конфликтот, околу 4.000 притвореници поврзани со конфликтот биле подложени на тортура или малтретирање, и на територијата под контрола на владата, и на територијата под контрола на сепаратистите.
Нашиф рече дека тортурата и малтретирањето биле поголеми во почетната фаза на конфликтот, а особено во областите контролирани од владата се намалиле со текот на времето.
САД - Поглед на плажата Мајами пред затворањето на 4-ти јули.
Некои држави на САД бележат зголемување на инфекциите со коронавирусот меѓу невакцинираната популација поради многу заразната делта варијанта на вирусот. Најмалку половина од сите инфекции во САД се должат на делта варијантата, која се заканува брзо да се прошири во момент кога се олеснети повеќето од ограничувањата низ целата земја.
Повеќето од инфекциите се локализирани. Околу 93 проценти од неодамнешните случаи на Ковид-19 се случиле во окрузи со стапки на вакцинација пониска од 40 проценти, обезбедувајќи докази дека вакцините се ефикасни.
Нешто помалку од половина од населението во САД е целосно вакцинирано, додека скоро 70 проценти примиле барем една доза. Но, кампањата за вакцинација почна да забавува. Дневниот просек на неделни случаи во земјата е 16.208, во однос на околу 13.500 од пред една недела.
Иако ова се ниски бројки во споредба со 250.000 дневни инфекции во екот на епидемијата на САД во јануари, здравствените власти се загрижени дека пандемијата може да се појави повторно со оглед на многу заразната делта варијантата.
Потценувајќи го ризикот за експоненцијален раст, Флорида забележа скоро 24.000 нови случаи во текот на изминатата недела, што е за околу 50 проценти зголемување во однос на претходното неделно рангирање. Броките се вакви и покрај тоа што 54 проценти од населението е целосно или делумно вакцинирано. Делта варијантата стана доминантна и во другите земји низ светот, предизвикувајќи нов бран на инфекции од азиско-пацифичкиот регион кон Европа.
Поглед на улица во главниот град Порт-о-Пренс по атентатот врз шефот на државата. (08.07.2021)
Хаити побара странски трупи да бидат испратени во земјата за да ја заштитат инфраструктурата, додека карипската држава се обидува да се стабилизира и да се подготви за избори по убиството на претседателот Јовенел Моис.
Барањето беше испратено од владата до САД и ОН, но САД соопштија дека „во моментов“ не планираат да му понудат воена помош на Хаити.
Хаитската полиција претходно соопшти дека група од 28 странски платеници на 7 јули го убиле претседателот Моис.
По вооружената борба во главниот град Порт-о-Пренс, 17 од нив се приведени.
Некои членови на групата, во која Хаити вели дека се вклучени пензионирани колумбиски војници, биле приведени во куќата што ја користеле, додека други биле приведени откако влегле во тајванскиот дипломатски комплекс, соопшти полицијата.
Полицијата ликвидираше некои од осомничените, а се трага по уште осум лица.
Иако САД нема да понудат војници, Вашингтон на 9 јули соопшти дека испраќа агенти на Федералното биро за истраги (ФБИ) и Одделот за национална безбедност за да помогнат во истрагата.
Советот за безбедност на ОН ќе мора да одобри каков било план за испраќање меѓународни трупи на Хаити под покровителство на ОН.
Атентатот врз шефот на државата предизвика граѓански немири во Хаити, која е најсиромашната земја во Америка. Вонредната состојба останува во сила низ целата земја и не е јасно во чија надлежност е владата на земјата.
На 9 јули група пратеници од Хаити го признаа претседателот на распуштениот Совет, Џозеф Ламберт, за вршител на должноста шеф на државата и на тој начин се спротивставија на привремената влада. Тие за премиер го признаа Ариел Хенри, кого атентатираниот претседател го избра да го замени Клод Џозеф ден пред атентатот. Хенри сè уште не ја презеде функцијата, ниту пак формираше влада.
Џозеф изрази зачуденост што некои се обидуваат политички да го искористат атентатот врз претседателот и рече дека Хаити може да добие нов претседател само преку избори.
Министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека ситуацијата со Ковид-19 е стабилна и дека нема потреба од воведување на нови мерки.
„Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога не беа достапни вакцините. Сега кога ги има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација. Гледаме дека и Англија, иако има нови случаи, се попуштаат мерките. Да не живееме затворени, туку да се вакцинираме масовно“, изјави Филипче.
Тој најави дека од понеделник почнува теренска вакцинација и вакцинирање на граѓаните без закажување.
Филипче исто така рече дека е можно да се очекуваат нови мутации на вирусот и дека секој следен бран треба да го „дочекаме подготвени“ со масовна вакцинација.
Според податоците на Министерството за здравство досега во земјава се аплицирани вкупно 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се над 243 илјади граѓани.
Филипче додаде дека во лабораториите во земјава не е регистриран нов случај на делта сој освен постојните, но дека во лабораторијата на МАНУ има четири случаи кои треба да бидат секвенционирани, а се суспектни на јужноафриканскиот сој.
Во моментов во земјава има 160 активни случаи на Ковид-19, од кои 58 се во главниот град Скопје.
Прегладнето дете во провинцијата Катанга во Конго.
Секоја минута 11 луѓе умираат од глад низ светот секој ден, што е многу повеќе од стапката на смртност од Ковид - 19, објави меѓународната добротворна организација Оксфам.
Организацијата наведува дека Авганистан е едно од „најпогодените места од глад“ поради војната. Организацијата соопшти дека 155 милиони луѓе ширум светот сега живеат во несигурност поради недостиг на храна, што е зголемување од 20 милиони во однос на минатата година.
Оксфам додава дека околу две третини од овие луѓе се гладни, пред сѐ бидејќи нивната земја е во војна и во конфликт, вклучително и Авганистан каде што 13,2 милиони луѓе, или 42 проценти од населението, се „изложени на ризик од глад“. Поради ваквата ситуација земјата е трета во светот според несигурност во снабдувањето на храна.
„Година и пол од почетокот на пандемијата смртноста од глад го надминуваат вирусот“, се вели во извештајот каде е посочено дека глобалната стапка на смртност од Ковид-19 е околу седум лица во минута.
Оксфам ги повикува владите да стават крај на конфликтите што го предизвикуваат „катастрофалниот глад“ и да обезбедат услови што ќе им овозможат на агенциите за помош да стигнат до оние на кои им е потребна помош.
Во меѓувреме, побогатите нации треба „веднаш и целосно“ да ги финансираат напорите на Обединетите нации за ублажување на гладот, се вели во извештајот.
Вирус или паразит - Од што заболеле децата во Гевгелија?
Дали се работи за вирус или за некој вид на паразит кај децата во гевгелиската болница истражува екипа од Универзитетската детска клиника од Скопје. Екипата работи на утврдување на причината од што заболеле педесетина деца и бебиња од Гевгелија кај кои имало респираторни проблеми нетипични за овој период од годината. Лекарскиот тим е предводен од доктор Аспазија Софијанова.
„Не само во овој регион, туку и во други градови има зголемен број на деца со горнореспираторна симптоматологија. Доаѓаме со комплетна опрема за да земеме цел респираторен панел и точно да утврдите дали се работи за вирус, мутација на вирус или некој вид на паразит но тоа ќе го знаеме откако ќе направиме прелиминарен увид во клиничката слика на дечињата, во дијагностиката што ја носиме со себе и дијагностиката што вчера ја направиле колегите од Гевгелија“, рече Софијанова.
Директорот на болницата во Гевгелија, Митко Крџев рече дека моментно се хоспитализирани само две дечиња на одделението во гевгелиската болница, мал дел биле препратени во Скопје и дека 20 дечиња се на терапија, но не се задржани во болницата.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека болните деца во Гевгелија се негативни на ковид-19.
Во текот на вчерашниот ден Министерството за здравство соопшти дека вкупно 50 деца и бебиња од Гевгелија во изминатиов месец побарале лекарска помош во локалната општа болница, со респираторна инфекција која не е типична за овој период од годината.